Полска: Продолжуваат протестите поради смртта на жена на која и бил забранет абортус

илустрација

Полските групи за правата на жените повикаа на дополнителни протести денеска, во знак на револт поради смртта на една жена на која и беше одбиен абортусот според забраната за абортус во земјата. Жената, која почина во септември, беше бремена во 22 недела кога отишла во болница, поради истекување на плодовата вода.

Локалните медиуми објавија дека лекарите избрале да чекаат додека фетусот не умре, наместо да интервенираат со абортус. Фетусот на крајот починал, а жената набргу потоа починала од септичен шок.

Стотици жени и мажи вчера излегоа на улиците во Пшчина, каде почина жената, но и во други градови. На телевизиските снимки можеше да се види како демонстрантите палат свеќи пред Уставниот суд, кој минатата година ги укина речиси сите исклучоци од строгиот закон за абортус во земјата. Шефот на болницата побара од ТВН24 да не донесува избрзани пресуди за однесувањето на лекарите. Смртта на жената во моментов ја истражува јавното обвинителство.