Најмалку 15 лица загинале во две експлозии кои денеска одекнале недалеку од воената болница во центарот на Кабул, јави агенцијата Франс прес. Очевидци изјавија дека помеѓу двете експлозии имало и пукотници.
Според првичните извештаи првата експлозија одекна на контролен пункт на влезот во воената болница Мохамед Дауд Кан. Втората експлозија се слушнала неколку минути подоцна, во истата област.
Лекар во болницата за АФП изјави дека слушнал „голема експлозија“ што доаѓала од првиот контролен пункт надвор од болницата.
„Ни рекоа да одиме во сигурни соби. Слушнавме и пукање од пиштоли“, изјави тој.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Кари Саед Хости, рече дека талибанските специјални сили пристигнале на местото на експлозијата, но не даде детали за жртвите. Засега никој не презеде одговорност за инцидентот.
Исламска држава- Корасан (ИС-К), огранок на милитантната група Исламска држава која изврши серија напади врз џамии и други цели по заземањето на Кабул од страна на Талибанците во август, ја нападна истата болница во 2017 година, убивајќи повеќе од 30 луѓе.