Нов рекорд за смртни случаи од ковид во Бугарија

Според здравствените власти во Бугарија, 93,87 отсто од 310 починати од Ковид-19 биле невакцинирани. Во изминатите 24 часа има пријавено и 6.007 новозаразени. Како што јави дописникот на МИА од Софија, 1341 се новопримени во болниците во Бугарија, а 90,16% од нив не се вакцинирани. Дозите на вакцините против Ковид-19 кои досега се аплицирани во Бугарија се вкупно 2.874.721, од кои 14.545 се за последните 24 часа. Бројот на починати од почетокот на пандемијата коронавирусот е 24.309.

„Ситуацијата е критична, се соочуваме со огромна закана и тоа бара заедничка акција. Повикуваме на интеракција и национална мобилизација“ истакна денеска привремениот министер за здравство на Бугарија, Стојчо Кацаров.

Здравствените власти во Бугарија соопштија дека привремено го ограничиле снабдувањето со кислород за бизнисот поради потребите на болниците во земјата. Ваквата одлука е донесена на средба меѓу производителите и Министерството за здравство.

Потрошувачката на кислород во одделенијата за интензивна нега достигна највисоко ниво од почетокот на пандемијата. Потребата за тоа е зголемена за 25-30% во споредба со 2020 година.