Русија се закани со вето во СБ на ОН поради именувањето на Шмит

Кристијан Шмит, висок претставник во БИХ

Русија се закани дека, како членка на Советот за безбедност на ОН, ќе стави вето на обновувањето на мандатот на мировната мисија ЕУФОР во БиХ поради назначувањето на Кристијан Шмит за висок претставник во таа земја, тврди германската новинска агенција ДПА, која се повикува на свои извори.

ЕУФОР, воени сили предводени од Европската унија, го надгледува спроведувањето на воениот дел од Дејтонскиот договор.

Гласањето за продолжувањето требаше да се одржи денеска во Советот за безбедност, но е одложено за среда попладне. Претходната авторизација од Советот за безбедност истекува в петок.

Русија и Кина се обидоа да ја укинат Канцеларијата на високиот претставник во Советот за безбедност пред неколку месеци, тврдејќи дека таа повеќе не е потребна. Западни дипломати во Њујорк посочуваат дека Советот за безбедност не може да одлучува за судбината на високиот претставник, кој е назначен од Советот за имплементација на мирот. Новиот претставник Шмит беше потврден од сите членови на Управниот одбор на Советот за имплементација на мирот, освен Русија.

Дипломатски извор, како што јави ДПА, рекол дека во тековните преговори за одобрување на мисијата ЕУФОР, Москва побарала да се отстрани секое споменување на високиот претставник од договорот.