Путин: Русија треба да ја зајакне воздушната одбрана

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин ја истакна потребата од зајакнување на противвоздушната одбрана на земјата поради воените активности на НАТО во близина на руските граници. Говорејќи за време на состанокот со воени претставници и производители на оружје во јужниот руски град Сочи, Путин конкретно го истакна распоредувањето на компонентите за ракетна одбрана на НАТО предводени од САД во Источна Европа и сè почестите мисии на бродовите на НАТО во близина на руските води во Балтичкото и Црното Море.

Британско-руска препирка околу инцидент во Црното море

„Дури и сега, американски воен брод влезе во Црното Море и ние можеме да го видиме со двогледи или на нашите одбранбени системи“, рече мислејќи на воениот брод Mount Whitney, предводник на американската 6-та флота, распореден во Црно Море.

Русија тестира воена опрема на Крим, а САД и сојузниците вежбаат на Црно Море

Односите меѓу Москва и Западот паднаа на најниско ниво по Студената војна по руската анексија на Кримскиот полуостров во 2014 година и поддршката на Москва за сепаратистички бунт во источна Украина. Минатиот месец Русија ја суспендираше својата мисија во НАТО и нареди затворање на канцеларијата на алијансата во Москва, откако НАТО ја повлече акредитацијата на осум руски претставници во седиштето во Брисел, велејќи дека верува дека тие тајно работеле за руското разузнавање.