Бугарскиот главен обвинител Иван Гешев побара да се укине имунитетот од гонење на кандидатот на десничарските националисти на претседателските избори што треба да се одржат овој месец, кој е обвинет дека водел напад врз ЛГБТ заедницата во изминатиот викенд во Софија. Собрани се доволно докази за да се обвини Бојан Станков Расате за „дела што грубо го нарушуваат јавниот ред“, соопшти кабинетот на Гешев. За вакво кривично дело се предвидува затворска казна до пет години. Неколку часа подоцна, Централната изборна комисија одлучи да му го одземе имунитетот на Станков, јави агенцијата БТА. Како кандидат на претседателските избори на 14 ноември, тој уживаше имунитет од гонење. На 30 октомври, група од околу 10 мажи и жени упаднаа и го вандализираа Rainbow Hub, место за настани поврзани со ЛГБТ во центарот на Софија. Фондацијата Билитис која го води центарот го обвини Расате дека го водел нападот. Активистката Глорија Филипова тврдеше дека била удирана од Расате, кого го препознала. Таа исто така рече дека тој носел нож.
Кој ќе победи на претседателските избори во Бугарија?
Роден како Бојан Станков во 1971 година, Расате е основач на Бугарскиот национален сојуз (БНС), но веќе не е нејзин лидер. Тој е познат по својата реторика против ЛГБТ заедницата и мигрантите. Во изјавата за Нова ТВ, тој одби да каже дали е меѓу напаѓачите, но рече дека Rainbow Hub требало да очекува таков напад. Нападот го осудија неколку бугарски политички партии. Во заедничката изјава на 1 ноември, амбасадите на 11 земји остро го осудија, како што го нарекоа, овој „бесмислен“ напад. Амбасадорите на земјите, вклучувајќи ги САД, Австралија, Канада и осум западноевропски држави, исто така, го посетија центарот за да ја изразат својата „солидарност“.