Бајден - Kлиматските промени веќе го уништуваат светот

Американскиот претседател Џо Бајден на климатскиот самит кој се одржува во Глазгов во Шкотска.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека климатскиот самит кој се одржува во Глазгов во Шкотска би требало да биде „почеток“ на децениските амбиции во борбата против климатските промени.

„Никој од нас не може да избега од најлошото ако не го искористиме овој момент“, рече Бајден пред учесниците на Самитот.

САД сè уште се обидуваат да придобијат некои од најголемите светски загадувачи – Кина, Русија и Индија, да се придружат во плановите за намалување на согорувањето на јаглен, гас и нафта и да преземат чекори за користење чиста енергија.

Бајден рече дека е потребен масовен договор за запирање на климатската криза и дека на него треба да се гледа како прилика за светската економија.

„Имаме можност да вложуваме во себе и да изградиме еднаква иднина со чиста енергија и притоа да создадеме милиони работни места“, рече Бајден.

„Ние сме на пресвртница на светската историја“, рече Бајден, опишувајќи ги ширењето на пожарите, сушите и другите климатски катастрофи.

„Климатските промени веќе го уништуваат светот“, рече тој, додавајќи дека цената расте со секој изминат ден на не правење ништо.

Климатскиот самит на Обединетите нации завршува на 12 ноември. На самитот се акредитирани над 20 илјади делегати.
Кинескиот лидер Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин не се присутни во Глазгов.