Реакции од Грција за оставката на Заев

Премиерот Зоран Заев и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас на 28 август 2021 ја примиja Меѓународната награда за мир на Вестфалија поради потпишувањето на Преспанскиот договор со кој беше решен спорот за името меѓу Македонија и Грција, архивска фотографија.

По најавената оставка на премиерот Зоран Заев, официјална Атина, иако не ги коментира внатрешните случувања, порачува дека државите имаат континуитет и се обврзани од потпишаните договори, а евентуалната промена на ставот би создала проблеми на патот на Северна Македонија кон ЕУ, додека пак членови на опозициската СИРИЗА упатуваат критики за ставот на актуелната грчка Влада и ја истакнуваат важноста на Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешниот редовен брифинг со новинарите портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, во однос на тоа дали оставката ќе влијае врз спроведувањето на Договорот од Преспа, рече дека државите се обврзани од потпишаните договори.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис во интервју за радиото „Параполитика“ рече дека евентуалните промени во Северна Македонија се однесуваат и на Грција поради Договорот од Преспа, а евентуалната промена на ставот би создало проблеми за европската перспектива на земјата.

Со став за оставката на Заев, преку социјалните мрежи се огласија и претставници на опозициската СИРИЗА.

Потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на европратеничката група на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис на Твитер напиша дека „по Грција, конзервативизмот и национализмот освојуваат терен и во Северна Македонија“, а „Ципрас и Заев испишаа историја со историскиот Договор од Преспа, дури иако ги загубија изборите“.

Најавената оставка на Зоран Заев и од премиерската функција и од позицијата претседател на СДСМ, од доцна синоќа е меѓу главните вести во Грција, вели дописничката на МИА.