Над пет милиони луѓе во светот починале како последица на ковид-19, откако се појави коронавирусот во Кина во декември 2019 година, соопшти денеска Универзитетот Џонс Хопкинс. Но во соопштението од Универзитетот се наведува дека бројката е најверојатно уште поголема ако се земе предвид ограниченото тестирање и смртните случаи надвор од болниците, особено во сиромашните делови на светот.
Покрај пет милиони смртни случаи, регистрирани се скоро 247 милиони случаи на заразени со коронавирус, иако и таа бројка исто така се смета за мала.
Светската здравствена организација проценува дека смртните случаи од ковид на глобално ниво би можеле да бидат два до три пати повисоки од официјалните информации.
Во САД се регистрирани најмногу смртни случаи од ковид. Таму има 745.836 жртви на ковид од 46 милиони регистрирани инфекции.
По САД, најтешко погодени земји се Бразил со 607.824 смртни случаи, Индија со 458.437 смртни случаи, Мексико со 288.365 смртни случаи и Русија со 239.693 смртни случаи.
Русија, Украина и другите делови на Источна Европа, кои се со ниски стапки на вакцинација се погодени во последните недели од нов бран на ковид, што ги принуди властите да воведат нови ограничувања.
Во Русија има неработна недела од 30 октомври до 7 ноември.
Главниот град на Украина, Киев, од денеска воведе струги органичувања за да спречи понатамошно ширење на ковид. Жителите на Киев сега треба да приложат сертификати за вакцина или докази за негативен тест за ковид за да користат ресторани, кафулиња, спортски сали, места за забава и трговски центри.
Чешка реагира на порастот на заразени и побара од рестораните и баровите да ги опслужуваат само гостите кои можат да докажат дека се целосно вакцинирани против коронавирусот, оздравени од инфекцијата или имаат неодамнешен негативен тест.