Руски гас, македонски оставки, полски илегалци...
БУГАРИЈА - Бугарскиот оператор за гасна мрежа Булгартрансгаз соопшти дека го прекинал транспортот на природен гас за Србија и Унгарија по пукањето на гасоводот во близина на североисточното село Ветрино, објави Ројтерс. Новинската агенција потсетува дека Бугарија преку својата гасоводна мрежа транспортира руски гас до Србија и Унгарија.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски официјално не е информиран за оставката на премиерот Зоран Заев, што повлекува оставка на цела Влада, пренесе МИА. И од Собранието информираа дека денеска не добиле официјално писмо од Заев.
МАКЕДОНИЈА - Новоизбраната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, и старо-новата градоначалничк на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска, се единствените жени кои ќе раководат со локалните самоуправи од вкупно 80 општини и Градот Скопје.
ПОЛСКА - Полските граничари забележале повеќе од 700 обиди за илегално преминување на границата на Полска со Белорусија во изминатите 24 часа, соопшти граничната служба, додека Полска и понатаму одбива да им дозволи на невладините организации да се грижат за мигрантите заглавени на границата.
АВСТРАЛИЈА - Австралија од 1 ноември ги олесни ограничувањата за преминување на границата за прв пат од почетокот на ковид пандемијата и им дозволи на вакцинираните граѓани слободно да патуваат, што овозможи повторно обединување на многу семејства. По повеќе од 18 месеци спроведување на една од најстрогите гранични политики во врска со вирусот, милиони Австралијци сега можат да патуваат без потреба да добијат дозвола или да одат во карантин кога ќе се вратат во земјата.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Зборовите vax и vaxxed (на македонски: вакцина и вакциниран) се избрани за поим на годината, според лексикографите на Оксфордскиот речник на англискиот јазик (ОЕД), јави Би-би-си.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека просечната годишна температура на воздухот во Русија расте два и пол пати побрзо отколку во светот. Тој на самитот на Г-20, на кој учествуваше преку видео врска, рече дека температурата на воздухот во Русија во последните десет години се зголемила за повеќе од половина степен. Путин рече дека прашањето за климатските промени е од големо значење, нагласувајќи дека Русија ги чувствува последиците од глобалното затоплување.
ГРУЗИЈА - Прелиминарните резултати на вториот круг од изборите во Грузија покажуваат дека владејачката партија Грузиски сон освоила 19 од 20 спорни градоначалнички места, вклучувајќи ги и сите пет во поголемите градови во земјата, додека опозицијата тврди дека гласачките ливчиња биле наместени.