Пендаровски официјално не е информиран за оставката на Заев

Стево Пендаровски и Зоран Заев

Претседателот Стево Пендаровски официјално не е информиран за оставката на премиерот Зоран Заев, што повлекува оставка на цела Влада, пренесе МИА. Како што за МИА посочуваат од Претседателскиот Кабинет, кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена, по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието.

„Претседателот на Република Северна Македонија, официјално не е информиран од претседателот на Собранието дека претседателот на Владата поднел оставка, што повлекува оставка на цела Влада. Кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието. Притоа претседателот како и досега во своите постапки ќе се води согласно установеното толкување на уставната норма во праксата во изминатите 3 децении“, информираат од кабинетот на Пендаровски, пренесе МИА.

И од Собранието информираа дека досега до нив не е стигната оставката од премиерот Зоран Заев. На денешната координатива средба кај Џафери воопшто не станало збор за следните чекори што би следувале по синоќешната изјава на Заев дека поднесува оставка од премиерската функција.

Премиерот Зоран Заев и претседател на владејачката СДСМ вчера по поразот на локалните избори на завршната прес-конференција по затворањето на гласачките места изјави дека поднесува оставка од двете функции.