Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да направи ново парлементарно мнозинство

Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Состојбата е многу сериозна во државата и ние ќе се обидеме да направиме ново парламентарно мнозинство имајќи ги предвид сите предизвици пред коишто се соочува државата и граѓаните во нашава држава, изјави денеска во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тој истакна дека до Парламентот се уште не е доставена оставката од премиерот Зоран Заев и дека кога ќе го добијат писмото со оставка ќе се знаат следните чекори што понатаму.

Синоќа, по поразот на локалните избори во Македонија, премиерот Зоран Заев рече дека поднесува двојна оставка - од претседателската функција во неговата партија СДСМ и од премиерската функција во Владата. Во вториот круг, ВМРО-ДПМНЕ освои 20, а СДСМ седум градоначалнички места.

Координаторот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ рече дека не ја исклучуваат ни можноста за предвремени парламентарни избори.

„Доколку не успееме во сите тие напори најдобро би било да има нови предвремени парламентарни избори бидејќи оваа Влада, ова мнозинство го изгубија политичкиот легитимитет и народот ја испорача фактурата која што требаше да ја испорача“, рече Мицевски.

Предвремени парламентарни избори за владејачкиот СДСМ не се опција.