Полските граничари забележале повеќе од 700 обиди за илегално преминување на границата на Полска со Белорусија во изминатите 24 часа, соопшти граничната служба, додека Полска и понатаму одбива да им дозволи на невладините организации да се грижат за мигрантите заглавени на границата.
Граничарите уапсиле четворица ирачки државјани во 727 обиди да ја преминат границата, јави полското радио, повикувајќи се на граничната служба. Ова е најблиску до рекордниот број обиди за влез во Полска од Белорусија, односно 739, кои се забележани на 10 октомври.
Европската унија (ЕУ) го обвинува белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко дека шверцува мигранти во границите на блокот за да му се одмазди на Брисел поради санкциите наметнати за задушување на опозицијата, граѓанското општество и независните медиуми од претседателските избори во август 2020 година, за кои нашироко се верува дека биле наместени.