Координација кај Џафери, Заев не доставил оставка до Парламентот

Талат Џафери и Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев сè уште не ја доставил оставката до Парламентот, информираат од Собранието, а на денешната координатива средба кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, воопшто не станало збор за следните чекори што би следувале по синоќешната изјава на Заев дека поднесува оставка од премиерската функција, пренесе МИА.

Според член 219 од Деловникот на Собранието, „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.


По поразот на локалните избори, Зоран Заев, доцна синоќа изјави дека поднесува двојна оставка - и од претседателската функција во неговата партија СДСМ и од премиерската функција во Владата. Заев, сепак, кажа дека не треба да има вонредни парламентарни избори.

Во вториот круг од локалните избори во Македонија ВМРО-ДПМНЕ освои 20, а СДСМ 7 градоначалнички места. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на синоќешното прогласување на победата, рече дека е најдобро централната власт да биде сменета на предвремени парламентарни избори.