Светските лидери во Глазгов на конференцијата на ОН за климата

Самитот на ОН за климата беше официјално отворен во Глазгов, 31.10.2021.

Самитот на ОН за климата кој вчера беше официјално отворен во Глазгов, продолжува во наредните две недели во интензивни преговори меѓу претставници на речиси 200 земји за тоа како да се соочат со заедничкиот предизвик на глобалното затоплување. Денеска во Глазгов ќе се соберат светските лидери за да разговараат за напорите на нивните земји да ги ограничат емисиите на стакленички гасови и како да се борат против ефектите од климатските промени. Претседателот на климатската конференција COP26, Алок Шарма, оцени дека овој собир е „последна и најдобра надеж“ да се достигне границата на затоплување на планетата до 1,5 Целзиусови степени, што беше најамбициозната цел на Парискиот договор за климата. „За време на пандемијата Ковид-19, климатските промени не мируваа. Сите показатели се во црвено на табелата за климатските граници“, рече Шарма на првиот ден од двонеделниот собир, кој се смета за клучен за иднината на човештвото.

Климатските промени водат кон конфликти во светот

Многу од прашањата што ќе се дискутираат на конференцијата од 31 октомври до 12 ноември се на дневен ред со децении, вклучително и како богатите земји можат да им помогнат на сиромашните да се справат со емисиите на гас и да се прилагодат на потоплиот свет. Бавноста на акцијата налути многу еколошки активисти кои се очекува да организираат гласни и креативни протести за време на самитот. Научниците велат дека шансите за постигнување на целта за глобално затоплување од 1,5 степени Целзиусови се намалуваат во споредба со прединдустриската ера. Светот веќе се загреа за повеќе од 1,1 степен, а сегашните проекции врз основа на планираните намалувања на емисиите во следната деценија покажуваат дека глобалното затоплување ќе достигне 2,7 степени Целзиусови до 2100 година.

Климатски промени една од главните теми на состанокот Г20 во Рим

Вчера лидерите на Групата 20 богати земји од нивниот самит во Рим повикаа на „смислена и ефективна“ акција за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусови степени. Како и да е, коминикето содржи неколку конкретни активности и не упатува на конкретен датум од 2050 година за да се постигне „нето нула“ емисии на јаглерод, за кои научниците велат дека е од витално значење за да се спречат катастрофалните климатски промени. Во финалниот документ се вели дека актуелните национални планови за тоа како да се ограничат емисиите ќе треба да се зајакнат „ако е потребно“ и вклучува ветување за стопирање на финансирањето на производството на електрична енергија на јаглен до крајот на оваа година. „Одржувањето на 1,5°C на дофат ќе бара значајни и ефективни активности и посветеност од сите земји“, се вели во коминикето.