Арсовска: Скопје доби жена за градоначалник

Данела Арсовска

Независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска прогласи победа во градоначалничката трка против актуелниот градоначалник Петре Шилегов од СДСМ. Таа рече дека според досега пребројаните гласови, води со над 20 илјади гласа пред Шилегов.

Арсовска, на прес-конференцијата во нејзиниот штаб, посочи дека ја добива оваа тешка битка, во која освен досегашниот градоначалник противник и бил и, како што вели, и премиерот во заминување.

„За првпат во 30 години независна Македонија, Скопје има жена за градоначалник“, изјави Арсовска.

Таа посочи дека црната кампања не ѝ наштетила и дека сега ќе може да бара одговорност за она што не било досега сработено. Арсовска изјави дека сега има нова шанса, уште од првиот ден посветено да почне со работа за да го трансформира Скопје во зелен, чист, убав и модерен град.

Според податоците на Државната изборна комисија, по обработени 67 проценти од избирачките места, Арсовска освоила 78.231 гласови, додека нејзиниот противкандидат Шилегов има 57.597 гласа.