Димитриевски прогласи победа против СДСМ во Куманово

Победа прогласи досегашниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Тој тврди дека го освоил вториот мандат за градоначалник, но овој пат како независен кандидат. Првиот мандат беше градоначалник како член на СДСМ. Димитриевски на социјалната мрежа Фејсбук се вклучи во живо од неговиот изборен штаб и прогласи победа со разлика од над 5 илјади гласови.

„Леле луѓе што направивме“, извика Димитриевски.

Тој веќе ја најави прославата на победата на плоштадот во Куманово за околу еден час.

„Ова е победа на демократијата. И покрај обидите на поединечни структури од режимот којшто за жал од СДСМ направија една партија која што наликува на нешто што беше минато ќе го дадам својот максимум да направам се за да ги смениме работите во иднина“, истакна вечерва Димитриевски.

Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата за Куманово Оливер Илиевски на вечерашната прес-конференција му ја честиташе победата на независниот кандидат Максим Димитриевски и посака градот да го води со повеќе инвестиции и проекти.