Изборниот ден од вториот круг на локалните избори помина во мирна и фер атмосфера, оцени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој изрази задоволство и од тоа како во целост поминаа и изборите и кампањата.
„Во текот на денешниот ден не се регистрирани никакви посериозни инциденти и поголеми нарушување на изборниот процес и јавниот ред и мир во текот на вториот круг од гласањето, земајќи ги предвид досега пријавените случаи во Министерството за внатрешни работи“, рече Спасовски.
Тој рече дека денеска имало 114 пријавени настани во врска со изборите, од кои најмногу за агитирање, превезување на гласачи, телефонски јавувања... Има пријавено и поткуп и закани.
Има и две пријавени кривични дела за уништување гласачки материјал во Кичево и повреда на тајноста на гласањето во Кочани.