Имавме успешен и мирен гласачки ден со изолирани инциденти. Гласањето беше фер и демократско, а уредите за отпечаток од прст работеа беспрекорно, освен неколку случаи каде што имаше проблеми, коишто беа надминати, рече претседателот на ДИК Александар Даштевски по затворањето на гласачките места.
„Денот помина успешно“, заклучи Даштевски.
Тој рече дека гласањето ќе продолжи после 19 часот на оние гласачки места каде што имало прекин, за толку колку што траел прекинот. Гласањето ќе продолжи на три гласачки места во Центар, на три места во Сарај, на две гласачки места во Пробиштип, и на по едно гласачко место во општините Карпош, Чешиново-Облешево, Зелениково и во Долнени.
Излезноста до 18:30 часот е скоро 49 отсто.