Полицијата до сега привела еден граѓанин поради нарушување на изборен процес. Приведениот 64 годишен кичевчанец рано утрово по искористување на правото за глас, се пожалил дека погрешен број заокружил и барал ново гласачко ливче. Откако му било укажано дека тоа е недозволиво, започнал агресивно да се однесува и го искинал гласачкото ливче по што бил и приведен.
Полицијата регистрирала неколку помали инциденти поврзани со локалните избори, од кои еден во Радовиш, два во Кочани, еден во Штип и еден во Тетово.
Во првиот инцидент во радовишката полиција било пријавено дека заболена со ковид- 19 и покрај решението за самоизолација излегла од дома за да гласа. Во Кочани,пак, двајца полициски службеници пријавиле дека при вршење на контрола на едно избирачко месо преземале мерки и активности против едно лице кое се однесувало агресивно кон нив и одбило усна наредба да се оддалечи од местото и да не го попречува изборниот процес.
По расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок, се наведува во соопштението од МВР.
Во вториот инцидент во Кочани претседателот на избирачкиот одбор пријавил дека еден маж јавно и гласно и наложувал на сопругата за кого да гласа, а кога бил предупреден од страна на избирачкиот одбор јавно кажал за кого гласал и не го свиткал уредно избирачкото ливче.
„За настанот, се посочува, изготвен е записник од страна на избирачкиот одбор, запознаен е Јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „повреда на тајноста на гласањето““ се вели во соопштението.
Во Тетово заменик претседателката на избирачки одбор пријавила дека една жена сакала да го оствари своето право на глас без приложување на соодветен документ за идентификација, односно се обидела да гласа прикажувајќи фотографија од нејзината патна исправа на мобилниот телефон, а откако и било кажано дека тоа е противзаконски, започнала агресивно да се однесува кон неа.
Портпаролот на МВР Тони Ангеловски изјави дека до сега пристигнале и неколку пријави за агитација, но тие досега не се докажани и дека за нив по расчистување на случајот ќе биде соопштено во јавноста.