Во денешниот втор круг од локалните избори се гласа во вкупно 44 општини. Право на глас имаат 1.353.990 избирачи на 2.481 избирачко место. Повторување на гласањето за градоначалник и за совет ќе има на едно избирачко место (0543) во Дебар, а ќе се прегласува и на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на совет. Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.
МВР-Приведени две лица за изборен поткуп во Скопје
Денеска нема да има гласање за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани, бидејќи за нив не е потребен цензус.
Пред вториот круг гласаа немоќни, болни и затвореници
Гласањето почна вчера кога се изјаснуваа болните и немоќните, лицата со ковид-19 и во самоизолација. Од запишаните 7645 вакви гласачи своето право на глас вчера го остварија 6710. Гласањето, според од општинските изборни комисии, поминало без проблеми. Првпат на локалните избори се применуваат терминали за биометриска идентификација на гласачите, а се применуваат и општите мерки за заштита од ковид-19. Во првиот круг од локалните избори, избрани се 34 градоначалници.