Европскиот огранок на Светската здравствена организација денеска ги предупреди владите во регионот да не ги затвораат училиштата, иако бројот на инфекции со Ковид-19 расте во многу земји.
СЗО забележа дека, како што се приближуваше зимата, повеќе од половина од 53-те земји во европскиот регион на СЗО пријавија забележително зголемување на стапката на инфекција кај сите возрасни групи, со нови случаи зголемени за 18 отсто во регионот.
„Училиштата треба да бидат последните места кои ќе ги затворат вратите и првите што ќе се отворат со соодветни мерки за превенција од инфекција“, се вели во соопштението на СЗО.
Наместо затворање на образовните институции, СЗО препорачува поширок пристап за намалување на преносот низ општеството.
„Ова ги вклучува школските средини, каде физичкото растојание, честото чистење на рацете, носењето маски, обезбедувањето соодветна вентилација во училниците и зголемувањето на пристапот до тестирање се важни, особено во услови со висока преваленца“, се вели во изјавата.
Ханс Анри Клуге, регионален директор на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа рече дека не може да се направи истата грешка како лани кога многу држави одлучија да ги затворат училиштата со што се наруши образованието на милиони деца и млади луѓе.