Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека полицајци од СВР Скопје привеле две лица од Скопје кои во скопската населба Даме Груев давале пари во замена за глас на локалните избори односно вршеле кривично дело по „поткуп при избори и гласање“.
„На лицата на кои им давале пари за глас им земале копии од лични карти, а при приведувањето кај нив се најдени пари и други предмети“ се вели во соопштението на МВР.
Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Претходно Јавното обвинителство соопшти дека ги следи случувањата поврзани со изборниот процес, преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори.