Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера бранеше употребата на туски вооружен дрон во контраудар кон сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина. Тој посочи дека војската дејствувала во самоодбрана и не прекршила никакви договори.
„Кога украинската армија ќе почувствува потреба да ја брани својата земја, таа го прави тоа. И понатаму ќе дејствува според овој принцип“, ја пренесува претседателскиот кабинет изјавата на Зеленски која е објавена на претседателската веб-страница.
Украинската војска оваа недела објави видео снимка во која се гледа како беспилотното летало уништува артилериско оружје познато како хаубица од руско производство во област под контрола на сепаратистите.
Војската соопшти дека беспилотното летало било користено „за прв пат“ за да се потисне артилерискиот оган во кој загинал еден украински војник, а друг е ранет.
Москва ја обвини Украина за прекршување на договорите од Минск со цел да се стави крај на војната во која загинаа повеќе од 13.200 луѓе од април 2014 година. Во соопштението од Кремљ е посочено дека употребата на беспилотни летала може да ја „дестабилизира ситуацијата“ во источна Украина.
Во меѓувреме Франција соопшти дека е „загрижена“ од употребата на дронот „Бајрактар“ и од „сè почестата употреба на тешко вооружување“ што го прекршува примирјето.
Портпаролот на германската влада, исто така, ја критикуваше употребата на дронот, но истакна дека „сите страни користат дронови“, кои според договорите од Минск се резервирани за набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Амбасадата на САД во Киев ги повика двете страни во конфликтот да го почитуваат договорот за прекин на огнот, истовремено велејќи дека сепаратистите користеле и беспилотни летала.
„Ги повикуваме двете страни во конфликтот во Донбас (источна Украина) да се придржуваат до условите од договорот за прекин на огнот, но да бидеме јасни - страната предводена од Русија постојано распоредува артилерија со хаубици и беспилотни летала против украинските сили, директно кршејќи ја засилените мерки договорени минатата година и неодамна убија еден украински војник“, објави амбасадата во два поста на Твитер.
„Официјалната руска реторика која сугерира дека Украина ја влошува ситуацијата не само што е погрешна, туку служи и за ескалација на тензиите“, се додава во постот на амбасадата.
Турција и продаде на Украина беспилотни летала, а Киев планира да купи уште десетици за да ги распореди во источна Украина.
Во септември, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека неговата земја планира да изгради фабрика за производство на дронови во соработка со турскиот производител на дронови Бајкар.
Министерот за одбрана Андриј Таран претходно овој месец рече дека заеднички центар за одржување и обука за беспилотните летала ќе биде основан во Украина.
Зголемените одбранбени врски меѓу членката на НАТО, Турција и Украина, се извор на тензии меѓу Анкара и Москва, заканувајќи се да го смени балансот на силите на источноукраинското бојно поле во корист на Киев.