ДИК-Досега гласањето на болни, немоќни и затвореници без проблеми

Државната изборна комисија денеска соопшти дека без проблеми и пропусти се одвива денешното гласање на болните, немоќните и заразените со ковид-19 во нивните домови, како и на затворениците, притворениците и жителите на старските домови.

Во општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа не се спроведува гласање, затоа што во првиот изборен круг не беше постигната минималната потребна излезност на гласачи, па за нив ќе се распишуваат повторно избори.

„Во двете избирачки места каде што со решение на Управен суд е поништено гласањето, и ДИК утврди дека вкупниот број на запишани гласачи од тие две избирачки места може да влијаат врз резултатите од првиот круг па донесе одлука да се повтори гласањето од првиот круг,“ изјави портпаролката на ДИК Љупка Гугуческа .

Таа на прес конференцијата уверуваше дека не се очекуваат потешкотии на утрешното гласање во 44 општини во вториот изборен круг за локалните избори.

„Очекуваме да бидат надминати проблемите, општинските комисии имаат добиени и дополнителни насоки за постапување кои ќе им ја олесната работата. Потоа на располагање имаме над 400 лица за техничка поддршка на избирачките одбори на лице место кои ќе можат да излезат и да им помогнат со решавање на потешкотиите. Овој пат има гласање на помал број на гласачи места, така што присутност на терен ќе биде поголема од овие технички лица“ изјави Гугуческа.

Во првиот круг се јави проблем со користењето на новите фингер принт апарати, како и со записниците кои требаше да ги водат општинските изборни комисии во делот на евидентирање како биле идентификувани гласачите на гласачкото место.