Климатски промени една од главните теми на состанокот Г20 во Рим

Самитот на Г - 20 во Рим

Лидерите на 20 -те светски економски сили денеска ќе седнат на дводневен состанок во Рим каде што ќе дебатират за климатските промени и глобалната економија. Тоа ќе биде прва средба во лице на Групата 20 (Г20) од почетокот на пандемијата пред речиси две години. Дел од темите кои ќе бидат на маса за разговор меѓу светските лидери се и ковид-19 и дистрибуција на вакцини според агендата.

Состанокот на Г20 се одржува непосредно пред климатската конференција на ОН во Глазгов, Шкотска, а лидерите се под притисок да дадат ветувања за справување со проблемот со загадувањето и климатските промени дури и пред почетокот на COP26.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш вчера ги предупреди лидерите на Г-20 да покажат „повеќе амбиции и повеќе акција“ и да ја надминат недовербата за да ги унапредат климатските цели.

„Сè уште сме на време да ги поставиме работите на вистинскиот пат и мислам дека состанокот на Г-20 е можност да го направиме тоа“, рече Гутереш.

Папата Франциско, кој се сретна вчера со американскиот претседател Џо Бајден во Ватикан а 29 октомври побара дела а е зборови, посочувајќи дека светските политички лидери мора да им дадат „конкретна надеж“ на идните генерации дека се преземаат потребните радикални чекори.

Британскиот премиер Борис Џонсон, домаќинот на COP26, кој започнува утре предупредува на последиците од глобалното затоплување.

„Нема да го запреме глобалното затоплување во Рим или на овој состанок во COP. Најмногу што можеме да се надеваме дека ќе направиме е да го забавиме зголемувањето“ изјави тој пред медиумите денеска.

Парискиот договор од 2015 година ги обврза потписниците да го задржат глобалното затоплување на „многу под“ 2 степени над прединдустриските нивоа, и по можност до 1,5 степени,но нивото на јаглерод во атмосферата оттогаш порасна.

Отсутни од Г20 ќе бидат рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг, кои планираат да учествуваат преку видео врска.
Надвор од климатските промени, претседателите и премиерите што ги претставуваат земјите на Г-20 ќе потпишат договор за донесување глобален минимален корпоративен данок и соочување со прашања поврзани со ковид 19.