Вториот изборен круг стартуваше, денеска гласаат болните, немоќните и затворениците

Општински изборни комисии денеска ги обиколуваат 44 - те општини каде се одржува вториот изборен круг за да гласаат болните, немоќните и заразените со ковид-19 како и тие кои се во самоизолација. Општинските изборни комисии денеска ќе им помогнат својот глас на локалните избори да го дадат и затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица.

Државната изборна комисија одлучи лицата што ќе гласаат денеска да не бидат проверувани со новите апарати за отчитување на отпечаток туку гласањето да се спроведе УВ ламба, со која се проверува дали лицето претходно гласало, и со прскање со спреј, за да се обележи дека веќе е искористено правото на глас.
Гласањето на болните и немоќните ќе го спроведуваат избирачките одбори, додека за гласањето на лицата со Ковид-19 и во изолација се формирани посебни избирачки одбори составени од медицински лица.

Доколку некое од овие лица чии барања за гласање се потврдени не биде најдено во својот дом од страна на избирачкиот одбор, правото на глас нема да може да го оствари на денот на гласањето.

Во поседниот извод на Избирачкиот список се запишани 1 409 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор, 266 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, во согласност со евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Гласањето ќе се одвива согласно општите мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, а нив ќе мораат да ги почитуваат како членовите на избирачките одбори така и гласачите.

Вториот круг од локалните избори во земјата ќе се одржи утре. Ќе се гласа во вкупно 44 општини, а право на глас имаат 1 353 990 избирачи на 2481 избирачко место. Повторување на гласањето за градоначалник и за совет ќе има на едно избирачко место (0543) во Дебар, а ќе се прегласува и на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на совет. Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.

Нема да има гласање за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.

Во првиот круг беа избрани 34 градоначалници, како и членовите во општинските совети. Резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата со Ковид-19 и во самоизолација, ќе бидат објавени заедно со резултатите од неделното изјаснување на Локалните избори.