Издавање лични карти и викендов во општините каде има избори

Илустрација - Лични карти

Службите на Министерството за внатрешни работи (МВР) во општините каде во недела ќе се одржи вториот круг од локалните избори, ќе работат во текот на викендот и граѓаните ќе може да подигаат лични карти, соопштија од Министерството.

Утре (30 октомври) од 9 до 16 часот ќе работат сите подрачни единици кои потпаѓаат под отсеците за управи работи при МВР Куманово, МВР Велес, МВР Охрид и МВР Тетово. Од единиците под Отсекот во Штип ќе работат оние во градовите: Кочани, Берово, Делчево, Пробиштип и Свети Николе. Од битолскиот отсек ќе работат единиците во: Битола, Ресен, Демир Хисар и Македонски Брод, додека во Скопје ќе има прием и издавање на лични карти во објектот на МРТВ.

Во недела (31 октомври) на денот на гласање ќе работат истите единици како и тие во сабота, со тоа што тогаш работното време ќе биде од 7 до 19 часот. Дополнително, тогаш во Скопје покрај во МРТВ, ќе бидат отворени и дисперзираните пунктови во Ѓорче Петров, Беко, Бутел и Драчево.