Деновиве сведочиме за постапки и изјави од Бугарија кои македонските граѓани не ги доживуваат пријателски, убедени сме дека двете држави и двата народи решението ќе го најдат низ дијалог, соопштуваа од македонската Влада, без да посочат за кои изјави и постапки реагираат.
Претходно денеска лидерот на бугарската партија ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека за Бугарија да ја поддржи Северна Македонија, бугарското малцинство мора да биде впишано во Уставот на државата. Вчера пак, бугарскиот претседател Румен Радев најави формулирање на нова политика кон Северна Македонија, со што во рамки на постоечките ставови на бугарскиот Парламент, се става посилен акцент на благосостојбата на македонските Бугари.
Од Владата во денешното соопштение се наведува дека со Договорот од 1 август 2017 година, двете земји потпишале дека ќе обесхрабруваат провокации кои не се во интерес на ниту една страна, дека нема да влегуваат во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза.
Во соопштението стои дека Владата има разбирање за внатрешна политичка предизборна состојба во Бугарија и комплицираниот изборен тек, но сметаат дека тоа не е причина за политички пораки за кампањски потреби кои излегуваат од рамката на европските вредности и принципи за почитување на кој е изграден Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
„Таквите тонови не се доживуваат како пријателски од страна на македонските граѓани. Немешањето во внатрешните работи е принципиелен став, а таков став очекуваме и од соседите“, реагираат од Владата.
Од таму велат дека остануваат посветени на дијалог со Софија и барање на взаемно прифатливо решение за прашањата што се отворија.