Високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит, денеска за првпат се обрати пред Парламентот на БиХ, на свое барање. Тој рече дека „сите опции“ за решавање на кризата во земјата се на маса доколку нема дијалог и ако интегритетот на земјата продолжи да биде загрозен.
„Во август не очекував дека БиХ ќе се соочи со најсериозното оспорување на нејзиниот суверенитет“, рече Шмит. Тој вели дека меѓународната заедница го следи тоа прашање.
Земјата се соочува со најтешката политичка криза од потпишувањето на Дејтонскиот договор. Кризата беше предизвикана од блокадата на државните власти од страна на претставници на Република Српска предводени од членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. Тој најави дека во ноември, парламентот на РС ќе донесе серија закони со кои се оспорува статусот на вооружените сили, полициските агенции и државните судски тела на БиХ, како и правото на БиХ да собира даноци и царини. Додик има намера да ги пренесе сите овие овластувања на ниво на РС, вклучително и формирање на ентитетска армија.
„Оваа земја се состои од ентитети и така и ќе остане, бидејќи тоа е дел од суверенитетот и територијалниот интегритет како што е формулирано во Дејтонскиот договор. Никој нема интерес да го врати часовникот наназад. Меѓународната заедница нема само да стои настрана“, рече Шмит.
Пратениците на РС не присуствуваа на парламентарната седница во Сараево за да слушнат што има да каже Шмит за актуелната ситуација, бидејќи тие веруваат дека тој незаконски бил назначен за висок претставник бидејќи Советот за безбедност на ОН не разговарал за тоа.
Шмит вели дека никој кој поттикнува распаѓање на државата нема да може да го реализира тоа. Ова беше негов прв говор пред Претставничкиот дом по 100 дена на функцијата.
Тој ја опиша актуелната ситуација во БиХ како „еден од најголемите предизвици за нејзиниот суверенитет“ од 1995 година.