Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави денеска дека целосната интеграција на сите земји од регионот на Западен Балкан во ЕУ е најрационалното и најлогичното сценарио. Според него, тоа ќе биде во функција на создавање на Унија која ќе егзистира обединета, просперитетна и во мир.
Тој во обраќање на меѓународната научна конференција на тема „Балканот меѓу европската интеграција и регионалната соработка“ се осврна на процесите на евроинтеграција и регионална соработка, оценувајќи ги како стратешка определба и избор за иднината.
„Западен Балкан или како што повеќе сакам да го именувам, Југоисточна Европа не е изолиран остров, туку се наоѓа во срцето на Европа. Сите наши врски, сите наши патишта се вкрстуваат со ЕУ. Процесот на евроинтеграција и процесот на регионална соработка се комплементарни и водат кон истата цел, членство во ЕУ на овој регион“, истакна министерот Османи.
Конференцијата беше организирана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.