Кина денеска соопшти дека е против воените врски меѓу САД и Тајван, откако тајванската претседателка Цаи Инг-вен потврди дека мал број американски војници се присутни на островот.
Комунистичка Кина, која го смета Тајван за своја територија и вети дека ќе го стави под власт на Пекинг, доколку е потребно и со сила, го засили својот воен притисок врз островот, вклучително и повеќекратните мисии на кинеските воени авиони во зоната за идентификација на тајванската воздушна одбрана.
Цаи во интервју за Си-Ен-Ен рече дека има мал број американски војници во Тајван за да помогнат во обуката, додавајќи дека има „верба“ дека американската војска ќе го брани островот во случај на кинески напад.
Коментарите на Цаи се првпат тајвански претседател јавно да даде такво признание откако последниот американски контингент го напушти Тајван во 1979 година, кога Вашингтон го префрли дипломатското признавање на Пекинг.
„Имаме широк опсег на соработка со САД со цел да ја зголемиме нашата одбранбена способност“, рече Цаи за Си-Ен-Ен.
На прашањето колку американски војници се распоредени во Тајван, таа рече само дека „не се толку многу колку што мислеа луѓето“.
Нејзините коментари предизвикаа лути реакции во Кина.
„Ние цврсто се спротивставуваме на каква било форма на официјална размена и воени контакти меѓу Соединетите држави и Тајван, се спротивставуваме на американското мешање во внатрешните работи на Кина и обидите да се испровоцира и да се предизвика неволја“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин.
„Принципот „една Кина“ е политичката основа на односите меѓу Кина и САД. САД не треба да ја потценуваат силната решеност на кинескиот народ да го брани националниот суверенитет и територијалниот интегритет“, додаде Ванг.