Русија и Украина со рекорден број на заразени со ковид

Хоспитализирани лица со ковид во Русија.

Русија денеска објави рекорден број на случаи на коронавирус и смртни случаи. Според официјалниот извештај во земјата се регистрирани 40.096 нови случаи и 1.159 смртни случаи во изминатите 24 часа.

Вкупниот број на починати сега изнесува повеќе од 235,000, што е четвртиот највисок во светот зад Соединетите држави, Бразил и Индија. Москва денеска повторно воведе делумно затворање кое ќе трае 11 дена со тоа што само на основните продавници како аптеки и супермаркети им е дозволено да работат.

Украина регистрираше рекорден дневен рекорд од 26.071 нови инфекции со Ковид-19 во изминатите 24 часа, надминувајќи го претходниот максимум од 23.785 на 22 октомври, соопшти Министерството за здравство. Бројот на починати од вирусот е 576 лица.

Од почетокот на пандемијата бројот на заразени во Украина изнесува 2,85 милиони и 66.204 смртни случаи. Бројките на заболени и смртните случаи се зголемуваат низ Источна Европа, а властите соопштија дека проблем е нискиот степен на вакцинација.