Американски адвокати започнаа нов обид за екстрадиција на Џулијан Асанж од Велика Британија, тврдејќи дека загриженоста за менталното здравје на основачот на Викиликс, не треба да биде пречка за соочување со американската правда.
Асанж се соочува со 18 точки од обвинението во Соединетите Држави, вклучително и едно за кршење на законите за шпионажа, откако неговиот „Викиликс“ објави илјадници тајни американски досиеја и дипломатски пораки во 2010 година. Во тоа време беа објавени стотици илјади дипломатски документи и досиеја, кои откриваат воени злосторства извршени од американските војници за време на воените операции во Авганистан и Ирак.
Соединетите Држави велат дека протекувањето на податоците го прекршиле законот и ги загрозило животите, додека Асанж верува дека случаите се политички мотивирани.
САД ја обжалуваат одлуката на Окружниот суд во Лондон од 4 јануари, Асанж да не биде екстрадиран во Америка бидејќи најверојатно би се самоубил во затвор во САД.
Адвокатот Џејмс Луис пред судот изјави дека Соединетите Држави се осврнале на загриженоста на судијата на окружниот суд во Британија, така што понудиле гаранција за тоа како ќе се однесуваат со Асанж доколку биде екстрадиран.
Овие гаранции вклучуваат дека тој нема да биде подложен на строги услови за притвор познати како посебни административни мерки и дека нема да биде притворен во затворот со максимална безбедност во Форенс, Колорадо. Американските власти, исто така, ја уверија Британија дека ќе се согласат Асанж во Австралија да ја отслужи секоја казна која е изречена од САД.