Денарот е стабилен, а ценовните движења се должат на растот на цените на енергенсите на светските берзи по високиот пад минатата година, како и на привремените нарушувања на синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата. Ова се промени од привремен карактер, коишто би стивнале до година, а подгревање на инфлациските движења не е потребно, порача денеска вицегувернерката на Народнaта банка, Емилија Нацевска.
„Причината за побрзиот раст на цените во првите девет месеци годинава од 2,8 отсто, во однос на очекувањата за раст од 2,2 отсто за целата година, се на страната на понудата. Тоа се должи, пред се, на повисокиот раст на цените на енергенсите на глобално ниво ‒ цената на нафтата и гасот, што доаѓа по високиот пад на цените минатата година и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување, како резултат на пандемијата. Со закрепнувањето на глобалната економската активност, доаѓа до побрз раст на побарувачката во однос на понудата и создавање тесни грла во снабдувањето коишто прават ценовни притисоци“, посочи вицегувернерката Нацевска во гостувањето на емисијата „Утрински брифинг“.
- Светска банка – Годинава инфлацијата од 2,4 отсто, со тенденција да се стабилизира
- Повисока инфлација-без паника, ама на штрек
Како што нагласи, проценките на Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и на други меѓународни организации, коишто ги следат овие движења, се дека оваа состојба е од привремен карактер, а очекувањата се дека таа ќе се надмине во текот на идната, 2022 година. Сепак, истакна дека дополнителните инфлациски подгревања и нивното, како што рече, неосновано вградување во цените од страна на домашните економски субјекти, може да доведе до раст на инфлацијата, што не е потребно, ниту, пак, е засновано на објективни економски параметри.