Политичари и милијардери

Мала група на екстремно богати поединци би можеле да помогнат во справувањето со гладот во светот, со само мал дел од нивната нето вредност, вели директорот на Светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП). Милијардерите треба да исчекорат напред, изјави за Си-Ен-Ен Дејвид Бисли истакнувајќи ги двајцата најбогати бизнисмени во светот, Џеф Безос и Илон Маск. Маск - извршен директор на Тесла, има нето богатство од речиси 289 милијарди долари, според Блумберг, што значи дека Бисли бара донација од само 2 проценти од неговото богатство.

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска во својот кабинет во Софија ги прими претставниците на организациите на македонските Бугари и на партијата Граѓанска демократска унија. Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека ова е прва ваква посета на Софија.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на ДИК Александар Даштевски изјави дека измената на Упатството произлегла од пресудата на Управниот суд за избирачкото место во Шуто Оризари, каде судот констатирал дека е недозволиво гласачките ливчиња да се прогласуваат за неважечки поради пропусти на избирачкиот одбор, односно поради неставање на печат.

МАКЕДОНИЈА - Спречувањето на ширењето на епидемијата ќе биде предизвик број еден на Зимските олимписки игри во Пекинг, соопштија денеска организаторите на сто дена пред почетокот на Олимпијадата.

САД / ВАТИКАН - Римокатоликот Џо Бајден ќе се состане со папата Франциск в петок во Ватикан во време кога американскиот претседател е под силен притисок поради неговата конфликтна позиција во спорот за правата на абортусот. Бајден редовно оди на неделна миса и чува слика од папата зад неговото биро во Овалната соба. Тој рече дека лично се противи на абортусот, но како избран лидер не може да ги наметнува своите ставови. Но, конзервативните католички медиуми и американските конзервативни бискупи го критикуваа за тој став, при што некои велат дека треба да му се забрани да се причестува, централната тајна на верата.

СУДАН / САД - Американскиот државен секретар Антони Блинкен разговараше со сменетиот судански премиер Абдала Хамдок откако воените лидери кои ја презедоа власта во Судан му дозволија на премиерот да се врати дома, неколку дена откако беше однесен на непозната локација.

КИНА - Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји од денеска до 29 октомври ќе престојува во Грција, Србија, Албанија и Италија, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Ванг Венбин. Посетата на Србија доаѓа на покана на српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа. Шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ кон крајот на мај годинава беше во посета на Кина.