Руското претседателство соопшти дека тековните преговори меѓу рускиот гасен гигант Газпром и Молдавија биле „исклучиво комерцијални“, отфрлајќи ги наводите за вршење на било каков геополитички притисок врз Кишињев.
„Сето тоа целосно е од комерцијална природа, нема никава политизација“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Молдавија, која се соочува со голем недостиг на гас, редовно се снабдува од Русија.
Сепак се случија компликации, откако Газпром во октомври ја зголеми цената на гасот за речиси 43 отсто, што молдавската влада го оцени како „неоправдано и нереално“ за земјата, која е една од најсиромашните во Европа.
Како одговор, Молдавија минатата недела воведе енергетска вонредна состојба која ѝ овозможи да купува гас од Полска, за прв пат од стекнувањето независноста во 1991 година.
Вицепремиерот Андереј Спину денеска е на разговори во Санкт Петербург со шефот на Гаспром Алексеј Милер, со цел да се склучи долгорочен договор за испорака на рускиот гас.
Спину пред почнувањето на преговорите изјави дека сака да добие „корекција“ на цените што Москва му ги нуди на Кишињев.
„Постои побарувачка за гас, комерцијален предлог, понуда за намалување на цените, но и проблемот со акумулацијата на молдавскиот долг“, рече Песков.
Поранешната советска република Молдавија е поделена меѓу оние кои поддржуваат зближување со Москва и оние кои сакаат да се приклучат на Европската унија.
Критичарите на Кремљ тврдат дека Москва ги зголемила тарифите за да ја казни Молдавија по изборот на проевропската претседателка Маја Санда во 2020 година.
Од друга страна, Москва го обвинува Кишињев дека доцни со плаќањата и се заканува дека ќе го прекине снабдувањето со гас доколку не се потпише нов договор.