Ескобар: На Западен Балкан му се потребни политичари посветени на интеграцијата во ЕУ

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска изјави дека на регионот му се потребни политички лидери посветени на европската интеграција, отворени за дијалог, кои ќе се занимаваат со можностите на 21 век, а не со проблемите од минатото.

„Клучот за посилен Западен Балкан е оној што создава инклузија, а не исклучување, интеграција наместо распаѓање, етничко помирување, а не националистички политики“, рече Ескобар на Белградскиот безбедносен форум.

Според него, еден од најголемите и најразочарувачките предизвици е тоа што „многу политичари не се развиле во своето размислување“ и дека сè уште се разговара за проблемите од 1990-тите, кои одамна требало да се решат со политичка волја.

„Потребни ни се политичари посветени на стремежот кон ЕУ, волјата на народот, но за жал тоа не е секогаш случај. Гледаме некои вознемирувачки трендови во концентрацијата на моќта во политичките партии, во концентрацијата на економските можности само кај луѓето поврзани со тие партии“, рече тој.

Ескобар потенцираше дека политиката на секоја американска администрација од времето на поранешниот американски претседател Бил Клинтон е дека сите шест земји од Западен Балкан треба наскоро да бидат дел од Европската унија и дека регионот може да смета на САД како партнер.

„Многу земји постигнаа огромен напредок и се надевам дека заедно со нашите европски колеги ќе успееме да ги убедиме членките дека тие не се толку ризични колку што се можност“, рече Ескобар.

Тој додаде дека секоја земја што станала членка на ЕУ станала подемократска, постабилна и попросперитетна. Ескобар изрази поддршка за економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан, било, како што рече, преку Заедничкиот регионален пазар или преку иницијативата Отворен Балкан.