Пакистан и Кина побараа хуманитарна помош за Авганистан

Лидерите на Пакистан и Кина на 26 октомври упатија заеднички апел до меѓународната заедница, повикувајќи на итна хуманитарна и економска помош за Авганистан, каде што луѓето се соочуваат со недостиг на храна и лекови во претстојната зима.

Во соопштението се вели дека пакистанскиот премиер Имран Кан и кинескиот претседател Си Џинпинг разговарале за ситуацијата во Авганистан во телефонски разговор, и се согласиле дека на луѓето таму им е потребна меѓународна помош „за да се олесни нивното страдање, да се спречи нестабилноста и да се помогне во обновата по повлекувањето на силите предводени од САД и преземањето на власта од Талибанците во август.

Заедничкиот апел е упатен за време на дводневните разговори на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји со претставници на Талибанците во Катар за да разговараат за низа прашања.

Во меѓувреме Кина ги повика Талибанците да ги задржат граничните премини отворени, притоа нудејќи 31 милион долари хуманитарна помош заедно со 3 милиони дози вакцини против Ковид-19 од кинеско производство.

Пекинг долго време се противеше на операциите на Соединетите Држави и силите на НАТО во Авганистан. Откако Талибанците ја презедоа власта во август, тие ја задржаа отворена својата амбасада во Кабул, но не ја признаа владата предводена од Талибанците.

Кинеските власти повикаа на инклузивна влада во Авганистан, но речиси ништо не кажаа за ограничувањата на Талибанците за пристапот на жените до работа и образование и други прашања поврзани со човековите права.

Пакистан сака светската заедница да ги одмрзне средствата на Авганистан за да му овозможи на Кабул да ги користи сопствените пари за да избегне продлабочување на кризата. Во моментов, талибанските лидери немаат пристап до резервите на авганистанската централна банка од 9 милијарди американски долари.