Молдавската влада соопшти дека купила милион кубни метри природен гас од Полска, откако Кишињев не успеа да се договори за нов енергетски договор со традиционалниот снабдувач Русија, објави Радио Слободна Европа на англиски јазик.
„Потпишан е договор за пробна набавка на милион кубни метри природен гас помеѓу државната компанија Енергоком и полската компанија ПГНиГ“, се вели во соопштението на владата која овој потег го нарекува „прва набавка на гас од алтернативни извори“ во независна Молдавија.
Набавката „ќе ја тестира можноста за увоз на гас од алтернативни извори и ќе го балансира нискиот притисок во системот за снабдување со природен гас“, се вели во соопштението.
- Северен поток 2 почна да се полни со руски гас
- Отворен интерконектор за руски гас од Србија до Унгарија
Молдавија прогласи вонредна состојба минатата недела откако нејзиниот договор за гас со рускиот државен Газпром, најголемиот снабдувач со гас во Европа, истече на крајот од минатиот месец, а двете страни не успеаја да се договорат за деталите за новиот долгорочен договор.
„Газпром“ го продолжи договорот до крајот на октомври, истовремено зголемувајќи ја цената на 790 долари за кубен метар од 550 долари колку што беше цената минатиот месец.
Молдавскиот вицепремиер Андреј Спину вчера рече дека владата во Кишињев ќе продолжи со разговорите со Газпром оваа недела и ќе побара „фер“ цена.