Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва во гостување на телевизија Сител рече дека пораката која ја даде по првиот круг од локалните избори, дека ако го изгубат Скопје во вториот круг тој не може да ја води владата, е пред се во насока на мобилизација на гласачкото тело. Но, тој нагласи дека влада предводена од него ако се изгуби главниот град не е можна, а на конкретното прашање дали во таков случај владата би ја предводел некој од СДСМ одговори потврдно.
„Секако влада предводена од СДСМ со коалиционите партнери, како што се надеваме зајакната плус, оти важен е секој пратеник за се што е закочено во Собранието. Останува влада предводена од СДСМ“, рече Заев.
Тој нагласи дека владината коалиција е стабилна и дека имаат комплетна комуникацијата и покрај поддршката која партијата Беса, која е дел од владината коалиција, денеска ја даде на кандидатите од опозициската Алијанса за Албанците кои влегуваат во вториот круг против кандидатите на другиот владин партнер ДУИ.
„Легитимно е секој да се бори за гласовите“, рече Заев.
Премиерот вели и дека парламентарното мнозинство е стабилно, дека 62 пратеника јавно се изјаснија дека остануваат дел од владината коалиција и оти верува дека ќе има и неколку пратеници повеќе, но за тоа, како што кажа ќе зборува по вториот круг локални избори што ќе се одржат в недела.
Заев нагласи дека не е време за предвремени парламентарни избори бидејќи следните две ипол години биле неповторилива шанса да се развива економијата и да се валозизира веќе сработеното.
„Сите крупни прашања се затворија. Дома немаме етнички отворени прашања, немаме отворени прашања со соседите, петте точки со Бугарија ги знаеме и ги работиме. Верувам дека по 14 ноември кога завршуваат изборите во Бугарија до следната седница на Советот за општини работи имаме доволно време тоа да го завршиме и да ја добиеме првата меѓувладина конференција“, рече Заев.
Во вториот круг верува дека СДСМ ќе има видлива победа и очекува видлива разлика во корист на СДСМ во Скопје, Чаир, Карпош и Центар.