Метеоролошката агенција на Обединетите нации соопшти дека концентрацијата на стакленички гасови достигнала рекордно ниво минатата година и покрај временото намалување поради затворањата кои се преземаа како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот за време на светската пандемија. Во годишниот извештај објавен денеска агенцијата предупредува дека нивото на гасови што ја задржуваат топлината во 2020 година се зголемило со побрзо темпо од годишниот просек во последната деценија.
Во извештајот се наведува дека концентрациите на јаглерод диоксид, метан и азотен оксид минатата година биле над нивоата во прединдустриската ера пред 1750 година, кога луѓето „почнаа да ја нарушуваат природната рамнотежа на Земјата“ со нивните индустриски активности.
„Додека продолжуваат емисиите, глобалната температура ќе продолжи да расте“, се вели во извештајот во кој се додава и дека „нивото на температурата веќе забележано ќе опстојува неколку децении дури и ако емисиите брзо се намалат на нула“.
Ова како што се нагласува би значело „повеќе временски екстреми, вклучувајќи интензивна топлина и врнежи, топење на мразот, покачување на нивото на морето и закиселување на океаните, придружени со далекусежни социоекономски влијанија“.
Извештајот е објавен само неколку дена пред конференцијата на Обединетите нации за климатски промени која ќе се одржи од 31 октомври до 12 ноември во Глазгов, Шкотска.