Потпретседателот на Алијансата на Албанците и кандидат за градоначалник на Гостивар Арбен Таравари на прес-конференција ја најави поддршката за кандидатите за градоначалници на политичката партија Движење Беса во вториот круг и ја поздрави нивната одлука да дадат поддршка на кандидатите на Алијанса-Алтертнатива.
„Веднаш по објавувањето на резултатите, ние како коалиција го искажавме нашиот став дека треба да се поддржат сите кандидати на албанската опозиција што се борат против ДУИ“, рече Таравари.
Тој го поздрави повикот на Движењето Беса за поддршка на кандидатите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернативa и го повтори, како што рече, конзистентниот став нивните членови и симпатизери и сите други гласачи да ги поддржат кандидатите на Движењето Беса во општините каде што се соочуваат со ДУИ.
„Ние и натаму тврдиме дека ДУИ треба да падне од секоја власт. Се надеваме дека Движењето Беса навистина има за цел да се одвои од злото, но потсетуваме дека тоа се прави само доколку ДУИ биде целосно отстранета од власта и создадеме ново парламентарно мнозинство“, нагласи Таравари.
Алијанса за Албанците е опозициска партија која соработува со ВМРО-ДПМНЕ. Беса, пак, е дел од владината коалиција. Тие на ланските предвремени парламентарни избори настапија на заедничка листа со СДСМ и освоија четири пратенички места. По изборите во владиното мнозинство влезе и ДУИ со 15 пратеници и ДПА со еден.
Генералниот секретар на Движењето Беса и актуелен министер за земјоделство Арјанит Хоџа денеска апелираше до гласачите на оваа партија во вториот круг на локалните избори да ги поддржат кандидатите за градоначалници на Алијансата за Албанците, со цел, како што рече, да „помогнат во политичкиот пораз на ДПА и ДУИ“. Претходно ДУИ и ДПА договорија меѓусебна поддршка во вториот круг од локалните избори што ќе се одржат в недела на 31 октомври.