Управниот суд поништи гласање на едно избирачко место во Шуто Оризари

Локални избори, октомври 2021, прв круг

Управниот суд ги поништи резултатите од спроведеното гласање на избирачко место 2957/1 во скопската општина Шуто Оризари и за кандидатски листи за избор на градоначалник и за членови на Советот на Град Скопје, како и за градоначалник и за членови на Совет на Шуто Оризари. Судот одлучуваше по тужбата на Движењето „Одлучно за промени“ против решението на Државната изборна комисија.

Приговорот на Движење „Одлучно за промени“, предводено до ЛДП и ДОМ, беше поднесен до Државната изборна комисија за постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари.

За тоа дали ќе се прегласува на ова избирачко место, од ДИК посочуваат дека треба да го разгледаат решението од Управниот суд и да се направи проценка дали евентуално прегласување ќе влијае на изборниот резултат.

Претходно вчера, Управниот суд ја прифати жалбата на Алијанса за Албанците и Алтернатива за резултатите од гласањето по листите за кандидатите за градоначалник и советници на Општина Дебар, за избирачко место број 0543, и таму ќе се изврши прегласување.

Првиот круг од локалните избори се одржа на 17 октомври, а во вториот круг ќе се гласа на 31 октомври.