Полска објави дека планира да го зголеми бројот на војници и гранични полицајци долж границата со Белорусија со цел запирање на протокот на илегални мигранти од Белорусија. Во соопштението од полските власти е наведено дека бројката на војници и гранични полицајци ќе биде зголемена до 10 илјади. До ова доаѓа откако Европската унија го обвини Минск за олеснување на пристапот до Европа на мигрантите во одмазда за санкциите против белорускиот лидер Александр Лукашенко.
„Го зголемуваме бројот на војници кои им помагаат на граничарите за 2,5 илјади. Наскоро, околу 10.000 луѓе ќе внимаваат долж границата“, напиша на социјалната мрежа Твитер полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.
Ова соопштение доаѓа на само неколку часа откако Германија најави дека распоредила стотици дополнителни полицајци на полската граница за да помогне во справувањето со неодамнешниот прилив на мигранти кои минуваат од Белорусија. Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер изјави дека 800 федерални полицајци веќе се распоредени на границата и дека ќе распоредат дополнителни сили „ако треба“. Зехофер најави можност за проверка на граница доколку не се подобри состојбата.
Варшава веќе прогласи вонредна состојба поради граничната состојба.
Претходно германската полицијата разби вооружена група од околу 50 екстремни десничарски активисти кои се обидуваа да ги спречат мигрантите да влезат во Германија.
Радикалната екстремно десничарска група „Третиот пат“ ги повика членовите да се соберат за да преземат акција против мигрантите кои сакаат да ја преминат границата од Полска.
Официјални претставници на ЕУ и националните земји го обвинија Лукашенко дека го организирал „вооружувањето“ на мигрантите како одговор на санкциите на Брисел кон Минск поради бруталното задушување протестите по претседателските избори во 2020 година, за кои Западот и белоруската опозиција тврдат дека биле наместени.
Германските власти проценуваат дека преку „белоруската рута“, протокот на мигранти кои пристигнуваат преку Полска и Белорусија се искачи на речиси 5.000 илегални мигранти во последните три месеци.