Политичари и патријарси

ГЕРМАНИЈА - Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер изјави дека е подготвен да го зголеми бројот на федерални полицајци на границата со Полска за да помогне во борбата против зголемениот број илегални мигранти кои пристигнуваат преку Белорусија.

ФИНСКА / ТУРЦИЈА - Финска ја осуди одлуката на Турција за протерување на амбасадорите на десет земји кои ја повикаа Анкара да го ослободи активистот за човекови права Осман Кавала, во согласност со одлуката на Европскиот суд за човекови права. Премиерката на Финска, Сана Марин, (втора од десно) одлуката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја оцени како тажна ситуација.

СУДАН - Неколку членови на владата на Судан се приведени, откако војници извршија воен удар во земјата. Здружените воени сили рано утрово приведоа цивилни членови на преодното владејачко тело на Судан и неколку членови на преодната влада, соопшти Министерството за информации.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла невистините кои втор ден по ред ги шири партијата ВМРО-ДПМНЕ за наводно координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе, се вели во соопштението испратено до медиумите. Обвинителството информираше дека ќи проверува наводите од ВМРО-ДПМНЕ.

АВГАНИСТАН - Светската програма за храна и Организацијата за храна и земјоделство во заедничка изјава предупредија дека и онака нестабилниот Авганистан се соочува со една од најтешките хуманитарни кризи во светот.

ИЗРАЕЛ - Израел, и покрај загриженоста од САД, и натаму планира да ја спроведе изградбата на 1355 нови домови во окупираниот Западен Брег. Израелските власти вчера ги објавија тендерите за изградба на нови домови во голем број населби во окупираниот Западен Брег, каде што Палестинците сакаат да си ја изградат својата држава.

ГРЦИЈА - Преку Тбилиси во Атина, пристигнаа 269 авганистански државјани, мнозинството од нив судии, додека пак со втор авион во текот на ноќта требаше да пристигнат уште 98, соопштија од Министерството за мигрција и азил на Грција.

МАКЕДОНИЈА - Антикорупциската комисија бара проактивност на институциите и побрзо решавање на иницијативите, барањата и препораките кои ги испраќа до нив. Претседателката на комисијата Билјана Ивановска на денешната прес конференција на која зборуваше за оценките на Европската комисија за ДКСК , истакна дека многу нивни предмети се заглавени во институцитте и дека со месеци чекаат одговори.

САД - Вселенскиот патријарх Вартоломеј беше хоспитализиран во Вашингтон на првиот ден од планираната 12-дневна посета на Соединетите Држави. Грчката православна надбискупија на Америка соопшти дека тој се подготвувал за служба во црквата Света Софија во Вашингтон кога се разболел поради долгиот лет и густиот распоред на обврски што ги имал по пристигнувањето.