Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла невистините кои втор ден по ред ги шири партијата ВМРО-ДПМНЕ за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”, се вели во соопштението испратено до медиумите.
Во соопштението е наведено дека во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак, дека тоа реално се случувало.
„Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи“ се вели во реакцијата на МВР.
До оваа реакција доаѓа откако членот на извршниот комитет на ВМРО -ДПМНЕ Драган Ковачки обвини дека власта ја злоупотребува полицијата и дека одредени вработени во МВР делувале како параполициска структура со која се вршело притисок врз неистомисленици.
Тој на денешната прес конференција објави делови од вибер комуникација со која посочува дека тоа се јасни докази дека злосторничка група на Зоран Заев и Оливер Спасовски, составена од над 40 полицајци, во изборната кампања во Прилеп правела црни списоци на автомобили за отстранување од сообраќајниот, организирала физичко следење, давала наредба за измислување прекршоци и правела списоци за гласање.
Од МВР посочуваат дека на денот на изборите во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле.
Оттаму додаваат дека МВР почна внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого.