Светската програма за храна и Организацијата за храна и земјоделство во заедничка изјава предупредија дека и онака нестабилниот Авганистан се соочува со една од најтешките хуманитарни кризи во светот.
Според нивните прогнози речиси 23 милиони Авганистанци ќе претрпат „акутна несигурност во храната“ оваа зима поради неколку причини. Од една страна се комбинираните влијанија на сушата, од друга конфликтот, но и пандемијата на коронавирус и економската криза која претрпе дополнително влошување откако Талибанците ја презедоа власта во земјата.
„Оваа зима, милиони Авганистанци ќе бидат принудени да избираат помеѓу миграција и глад, освен ако не ја засилиме нашата помош за спасување живот. Авганистан сега е меѓу најтешките хуманитарни кризи во светот - ако не и најлошата - и безбедноста на храната целосно пропадна. Ние сме на одбројување до катастрофа и ако не дејствуваме сега, ќе имаме целосна катастрофа на нашите раце“, изјави Дејвид Бисли, извршен директор на Светската програма за храна.
Според него Авганистан кој веќе се бори да излезе од дводеценискиот конфликт, се соочува со најлошата зима во последната деценија откако талибанците ја соборија меѓународно поддржаната влада во август.
Економијата на Авганистан е во лоша состојба откако најголем дел од помошта беше прекината и како што се ближи зимата, така и цените на храната се зголемуваат, а невработеноста расте.
И покрај тоа што ветија дека ќе ја вратат стабилноста во земјата зафатена од војна, талибанците сè уште се соочуваат со низа меѓународни санкции и крвави напади од огранок на Исламската држава. Групата бара меѓународно признавање, како и помош за да се избегне хуманитарна катастрофа.
Ефектите од втората тешка суша за четири години продолжуваат да влијаат врз егзистенцијата на 7,3 милиони луѓе кои се потпираат на земјоделството и сточарството за да преживеат, се вели во заедничкото соопштение.
„Во услови на влошување на сушата, ФАО бара итни средства од 11,4 милиони американски долари за нејзиниот хуманитарен одговор и бара дополнителни 200 милиони долари за земјоделската сезона до 2022 година“, соопштија две агенции на ОН.
Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид вчера се обиде да ги ублажи стравувањата од претстојната хуманитарна катастрофа.