Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта ја злоупотребува полицијата и дека одредени вработени во МВР делувале како параполициска структура со која се вршело притисок врз неистомисленици. Тие обвинуваат дека станува збор за злосторничко здружение кое обвинителството, како што велат, мора да ги истражи по брза постапка.
На прес конференција членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки објави делови од вибер комуникација со која посочува дека тоа се јасни докази дека злосторничка група на Зоран Заев и Оливер Спасовски, составена од над 40 полицајци, во изборната кампања во Прилеп правела црни списоци на автомобили за отстранување од сообраќајниот, организирала физичко следење, давала наредба за измислување прекршоци и правела списоци за гласање.
Ковачки како главен „виновник “ го посочува командирирот на прилепската полиција кој давал наредби полицајците на терен да сопираат опозициски активисти и да им се врши притисок со барање на непотребни документи.
„Во насоките како да се постапува со возилата предничи Дарко Цувуловски командирот на ОВР Прилеп, кој дава наредба - ако треба измислете прекшок и остранувајте ги. Почитувани не само што службата била злоупотребена како параполиција на СДСМ туку тие биле претворени во агитатори на власта во собирање на гласови за СДСМ. Дарко Цувуловски командириот на ОВР Прилеп во групата на вибер издава насока - „колеги во четврток и петок е терминот за доставување на списоците по договореното. Внесувањето ќе биде од 16 до 17 часот“ вели Ковачки.
Тој на прес конференцијата утринава истакна дека тие имале систем во кој ги внесувале гласачите. Според него станува збор за злосторничко здружение кое за потребите на СДСМ вршело шиканирање, следење и тепање. ВМРО-ДПМНЕ бара обвинителството веднаш да постапи и да го истражи случајот. Опозијата очекува наскоро обвинителен акт иначе во спротивно по „ослободување на системот “ ќе има одговорност за сите.
Претходно, викендов опозицијата обвини дека полицајци блиски до власта договарале малтретирање на граѓаните за изборите. На прес конференцијата Ковачки изјави дека доказите и информациите им ги доставиле загрижени полицајци вработени во МВР кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злостoрничка група.