Финска ја осуди одлуката на Турција за протерување на амбасадорите на десет земји кои ја повикаа Анкара да го ослободи активистот за човекови права Осман Кавала, во согласност со одлуката на Европскиот суд за човекови права. Премиерката на Финска Сана Марин одлуката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја оцени како „ „тажна ситуација“. „Ова е многу тажна ситуација. Сметавме дека е важно да се почитуваат и спроведат одлуките на Европскиот суд за човекови права и затоа повикавме на ослободување на овој активист за човекови права“, рече Марин.
Ердоган завчера објави дека Турција ги прогласила за непожелни амбасадорите на десет земји, меѓу кои и Финска, кои побарале ослободување на Кавала од четиригодишниот притвор. Амбасадите на Соединетите држави, Канада, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска, Финска, Данска и Нов Зеланд објавија заедничка изјава во понеделникот, во која се вели дека судењето на Кавала „фрли сенка“ врз демократија, владеење на правото и транспарентноста.
САД - Анкара да даде објасување за протерувањето дипломати
Кавала, 64-годишен филантроп и активист за човекови права, беше уапсен пред четири години под обвинение дека се обидел да ја собори турската влада со демонстрации што се проширија од Истанбул низ целата земја во 2013 година. Тој е обвинет и за шпионажа и обид за соборување на владата со неуспешниот пуч во јули 2016 година. Европскиот суд за човекови права во декември 2019 година пресуди дека Кавала треба да биде ослободена од затвор, но турските власти ја игнорираа пресудата.